Статут на ППФМ

Врз основа на Законот за здруженија и фондациите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010, 135/2011 и 55/2016) и членовите 14 и 15 од Законот за спорт (Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016), Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија на седницата одржана на ­­­­_________ 2017 година во Скопје, донесе

С Т А Т У Т 

НА ПИНГ-ПОНГАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

 

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

член 1

Пинг-понгарската федерација на Македонија, натаму: /ППФМ/. е федерација, формирана со доброволно здружување на пинг-понгарските клубови од Република Македонија, заради остварување на јавни цели и задачи во овој спорт.

член 2

Името на федерацијата е: ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА. Скратеното име на Федерацијата е: ППФМ.

член 3

ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА е непрофитна и непартиска организација во која е забрането политичко организирање и дејствување.

член 4

Програмите и дејствувањето на Федерацијата не може да бидат насочени кон:

– насилно уривање на уставниот поредок на Републиката

– поттикнување или повикување на воена агресија

– разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост

член 5

ППФМ има својство на правно лице со права, обврски и одговорности што произлегуваат од законските прописи, овој Статут и другите акти на ППФМ, а се запишува во Централниот регистар на РМ.

ППФМ ja претставува и застапува претседателот, а во негово отсуство потпретседателот, односно, по негово овластување и генералниот секретар.

член 6

Федерацијата делува на територијата на Република Македонија.

Седиштето на Федерацијата е во Скопје-Градски парк, Кошаркарска сала Работнички.

член 7

Федерацијата има печат, кој е со тркалезна форма и во него е испишано: ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, Скопје, по ободот,а во средниот дел има амблем со рекет во движење и топче.

Штембилот на Сојузот има правоаголна форма со впишан текст: ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА, Бр. простор за датум, Скопје и рекет во движење.

член 8

Федерацијата има свој амблем кој е во форма на квадрат со натпис; ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА. На амблемот се прикажани два рекета во сина боја, портокалово топче и знамето на Република Македонија.

член 9

Федерацијата е член на светската и европската пинг-понгарска федерација, Македонскиот олимписки комитет-МОК /во делот на олимпизмот/, како и во Федерација која ке ги обединува спортските федерации во Републиката.

Федерацијата може да се зачленува и во други соодветни спортски организации.

Одлука за зачленување на Федерацијата го донесува Управниотодбор на Федерацијата.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

член 10

Основни цели и задачи на Федерацијата се:

– развој на пинг-понгарскиот спорт во Република Македонија;

– утврдување на заедничката политика во областа на пинг-понгарскиот спорт;

– донесување на програми за следење и развој на пинг-понгарскиот спорт во Република Македонија;

– воспоставување на систем на натпреварување во сите дисциплини и категории, организирање на државни првенства на Р.Македонија, организирање мегународни и мегудржавни како и организација на други натпревари;

– подготовки на пинг-понгарските репрезентации на Македонија за натпревари во земјата и надвор од неа;

– дава сугестии, овозможува и организира активности за унапредување на стручните кадри во пинг-понгарскиот спорт;

– донесување програми за развој и унапредување на пинг-понгарскиот спорт;

– воспоставување и реализација на систем на натпревари, донесување на Пропозиции и Календар на натпревари;

– дава иницијатива за соработка со организации кои реализираат Програми што се значајни за развојот на пинг-понгарскиот спорт;

– води документација за регистрација и премин на пинг-понгари во клуб, регистрација на клубови и секции;

– води документација за одржаните пинг-понгарски натпревари;

– изготвува ранг-листи на крајот на секоја натпреварувачка сезона;

– покренува иницијатива за изградба, одржување и реновирање на објекти за пинг-понгарскиот спорт /типски сали/ во Републиката.

– Се грижи за набавка и одржување на неопходна опрема реквизити за организација на пинг-понагрски натпревари;

– Организациите имаат даночни и царински олеснување, согласно Законот;

– Ги усогласува и координира програмските активности на пинг-понгарските клубови во Република Македонија;

– Се грижи за подобрување на материјалната основа за работа на клубовите и Федерацијата;

– Комуницира со локалната управа за статусот, потребите и условите за работа на клубовите во општините;

– води евиденција на спортистите, спортските работници и клубови.

Федерацијата особено се грижи за развој и унапредување пинг-понгот

Во воспитно-образовните установи во сите степени на образованието, реализирајки и соодветен систем на натпревари усогласен со наставните планови и прогами на училиштата.

Федерацијата организира и реализира посебна програма за работа со талентирани ученици.

Федерацијата се ангажира за популаризација на пинг-понарската игра и ја помага и иницира издавачка дејност во областа на пинг-понгарскиот спорт;

член 11

Федерацијата соработува со Спортската федерација на Македонија, Агенцијата млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет и други спортски асоцијации за прашања од заеднички интерес.

По потреба Федерацијата соработува и со други здруженија на граѓани, Факултетот за физичка култура, претпријатија и други организации и заедници на територијата на Република Македонија.

3. ЧЛЕНУВАЊЕ ВО ФЕДЕРАЦИЈАТА И ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНСТВОТО

член 12

Во Федерацијата членуваат клубови кои го негуваат пинг-понгарскиот спорт на територија на Република Македонија.

Членувањето во Федерацијата е врз доброволна основа, а приемот се врши со поднесување на писмено барање.

При уписот членките се должни да достават Статут, Решение од Централен регистар, Решение од државна установа за работа од областа на спортот.

Федерацијата води регистар на сите членки, пинпонгарски клубови во Република Македонија.

Одлука за прием во членство донесува Управниот одбор на Федерацијата..

Клубовите имаат права и обврски:

– да учествуваат на сите натпревари и пинг-понгарски манифестации што ги организира Федерацијата и клубовите;

– преку свои представници да учествува во работата на органите и телата на Федерацијата;

– да водат грижа за школување и надградба на стручните лица;

– да обезбедуваат услови за тренинг и натпревари на своите членови;

– да организираат натпревари согласно одлуките на Управниот одбор;

– да обезбедат основни услови за работа на членовите на клубот;

– да соработуваат со Стручната комисија и селекторот на репрезентација во реализација на тренажните активности и настап на репрезентативците од нивниот клуб на натпревари во земјата и надвор од неа.

член 13

Федерацијата од своето членство може да брише клубови кои работат против пинг-понгарскиот спорт, штетат на неговиот развој во Република Македонија и не ги почитуваат одредбите од овој Статут.

Против недисциплинираните клубови и поедини членови, кои не се однесуваат во согласност со овој Статут и актите на Федерацијата се покренува и води дисциплинска постапка согласно Правилникот за дисциплинска одговорност.

Сите пинг-понгарски натпревари во Република Македонија се организираат согласно Правилата за пинг-понгарските натпревари на мегународната пинг-понгарска федерација /ИТТФ/ и Пропозициите за пинг-понгарски натпревари во Република Македонија.

Клубовите користат и други права и должности што им припаѓаат врз основа на овој Статут и Законот за спорт.

Пинг-понгарските тренери и судии во Пинг-понгарската федерација на Македонија, своите права, должности и програми ги реализираат преку соодветните комисии на Федерацијата.

член 14

Член на пинг-понгарски клуб може да стане секој граганин на Република Македонија кој ги прифака одредбите на овој Статут.

член на пинг-понгарски клуб може да е и странски државјанин кој има дозвола /сертификат/ од Федерацијата од која доаѓа.

Одлука за прием на член донесува клубот согласно Статутот.

член 15

Член на клубот има право на настап на пинг-понгарски натпревари по извршената регистрација во Федерацијата, согласно со Правилникот за регистрација и премин на играчи од клуб во клуб.

член 16

Настапот за државната репрезентација е обврска за секој пинг-понгар, кој ке биде повикан да ги брани боите на истата. За неисполнување на обврските кон репрезентацијата се води дисциплинска постапка, согласно Правилникот за дисциплинска одговорност во Пинг-понгарската федерација на Македонија.

член 17

Воспитно-образовната и стручна дејност во клубовите со пинг-понгарите ја вршат стручни лица со завршен најмалку 6/1 степен од областа на спортот /вишо образование/, како гаранција за реализација на плански и систематски тренажен процес и современа технологија на тренажен процес.

4. ОРГАНИ НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 18

Органи на Федерацијата се:

– Собрание на Пинг-понгарската федерација на Македонија

– Управниот одбор на Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија;

– Надзорен одбор на Пинг-понгарската федерација на Македонија

С о б р а н и е

член 19

Собранието на Пинг-понгарската Федерација на Македонија е највисок орган и е составен од по 1 член од секој клуб, државјанин на Република Македонија. Членовите на клубовите се избираат на изборни собранија.

Собранијата на клубовите се одржуваат во координација со Управниот одбор и Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија.

член 20

Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија избира претседател, потпретседател и членови на Управниот одбор.

член 21

Собранието е највисок орган на Федерацијата.

Собранието расправа и одлучува за следните прашања:

– донесува Статут на Федерацијата и негови измени и дополнувања;

– избира претседател на Управен одбор, кој воедно е и претседател на Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија;

– претседателот на Управниот одбор составува Предлог-листа на можни членови на Управниот одбор, по што Собранието избира членови на Управниот одбор;

– утврдува основни смерници за развој на пинг-понгарскиот спорт во Република Македонија;

– подготвува и донесува правилници за работа на комисиите;

– утврдува политика за развој и мегународна комуникација на Сојузот;

– ги разгледува и усвојува програмите за работа на Сојузот;

– утврдува годишни и повекегодишни планови и програми за развој на пинг-понгарскиот спорт во Република Македонија;

– доделува признанија и награди на клубови и поединци, на предлог на Управниот одбор, за остварени резултати;

– подготвува годишни и повекегодишни програми за работа на Пинг-понгарската федерација на Македонија.

член 22

Собранието може да е редовно, изборно, тематско и вонредно.

Изборното собрание се одржува секоја четврта година.

Вонредното собрание може да се свика за измени и дополнувања на Статутот на Федерацијата и за активности кои се во надлежност на Собранието.

Вонредното собрание може да биде свикано по Одлука на Управниот одбор, Надзорниот одбор или по барање на најмалку 1/3 од вкупниот број на клубовите здружени во Федерацијата.

член 23

Мандатот на членовите во Собранието трае 4 години.

цлен 24

Мандатот на член на Собранието може да престане и пред истекот на рокот:

– на лично барање на членот;

– со отповикување на делегатот од страна на клубот кој го делегирал;

– поради објективни состојби, здравствена состојба, смрт и сл., кои не дозволуваат делегатот да ја врши својата функција.

Промената на членот во Собранието се врши на начин и постапка

Предвидени во Деловникот за работа.

Мандатот на новоизбраниот член трае до истекот на мандатот на Собранието.

член 25

Членот на Собранието има права и обврски утврдени со овој Статут. Тој може да бира, биде биран, предлага и одлучува по прашања што се во делокруг на работата на Собранието, согласно Статутот и Деловникот.

член 26

Собранието својата работа ја реализира на седници.

Собранието може да работи и полноважно да одлучува доколку на седницата се присутни повеке од 5о% од вкупниот број на членовите.

Собранието донесува одлуки со мнозинство на гласови од вкупниот број на присутни членови.

член 27

Седниците на Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија ги свикува и со нив раководи претседателот на Управниот одбор, кој е воено и претседател на Собранието /во натамошниот текст претседател/. За својата работа председателот е одговорен пред Собранието и Управниот одбор.

Собранието работи според Деловник за работа.

член 28

Собранието за својата работа е одговорно пред здружените клубови.

Членовите на клубовите во Собранието одговараат за својата работа пред клубот од кои се делегирани во Собранието.

У п р а в е н о д б о р

член 29

Управниот одбор е извршен орган на Собранието. Мандатот на членовите на Управниотодбор трае 4 години.

Управниот одбор брои од 5 до 11 члена, при што бројот на членови на Управниот одбор мора да биде непарен.

Во Управниот одбор на ППФМ задолжително членуваат најмалку двајца правници и најмалку двајца економисти.

Членовите на органот на Управниот одбор не смеат да се вo роднинска врска по сите линии до втор степен со претседателот на ППФМ, ниту пак нивни компании да се капитално, или управувачки поврзани. Членовите на Управниот одбор на ППФМ не треба да се вработени или членови на управувачки органи во компанија во која доминантна сопственост има претседателот на ППФМ.

Претседателот ППФМ, не смее да има сопственички удели или да е дел од основачките здруженија во спортските клубови членки на ППФМ.

член 30

Управниот одбор ја подготвува седницата и го утврдува датумот на одржување на седницата на Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија.

Потпретседателот и генералниот секретар на Управниот одбор се аматерски работници избрани од членовите на Управниот одбор и нивниот мандат трае 4 години.

Управниот одбор:

– подготвува програми за работа на Федерацијата, утврдени со овој Статут:

– ги реализира и спроведува одлуките на Собранието;

– изготвува и утврдува Календар и Пропозиции за пинг-понгарските натпревари во Република Македонија;

– комуницира со органите и телата на Мегународната пинг-понгарска федерација;

– се грижи за реализација на Календарот на натпревари во РМ;

– ги реализира утврдените програми за работа;

– објавува табели на 8 најдобри пинг-понгари во РМ;

– донесува систем за натпреварување;

– се грижи за обезбедување на материјални средства за реализација на програмите на Федерацијата;

– предлага финансиски план и усвојува завршна сметка на Федерацијата;

– дава предлог на Собранието и други органи и организации за доделување на награди и признанија на клубови и истакнати членови на Пинг-понгарската федерација на Македонија;

– изготвува и утврдува Деловник за својата работа;

– предлага измени и дополнувања на Статутот на Пинг-понгарската федерација на Македонија и предлогот го става на јавна расправа пред клубовите;

– подготвува и утврдува Правилници за работа на своите комисии;

– врши и други работи што не се во надлежност на Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија;

член 31

Управниот одбор работи на седници, кои ги свикува и со нив раководи претседателот. Свикување на седница може да се изврши и со барање на повеке од една половина од членовите на Управниот одбор. За донесување на полноправни одлуки на седниците на Управниот одбор потребно е присуство на најмалку половина од членовите, а одлуките се донесуваат со просто мнозинство од присутните на седницата.

Доколку има итност за донесување на одлуки согласно член 3, точка 11 “одлучување без присуство” од Законот за здруженија и фондации, е начин преку кој членовите на УО на ППФМ можат да се изјаснат и донесат валидна одлука без одржување на седница, преку телефонска комуникација, електронска поста, потпишување на акт или др. начин уреден со Статутот на организацијата, со консултација на Генералниот или Техничкиот секретар, а одлуката мора на првата седница да се верификува.

За својата работа Управниот одбор е одговорен пред Собранието на Федерацијата.

Претседател на Федерацијата

член 32

Федерацијата го претставува и застапува претседателот, а во негово одсуство потпретседателот односно по негово овластување и генералниот скеретар.

Претседателот на ППФМ може да биде избран најмногу два пати последователно и истиот може повторно да биде избрано по истекот на временскиот период од најмалку еден полн мандат.

Доколку во моментот на престанување на мандатот на Претседателот, сметката на федерацијата е блокирана најмалку 30 дена, лицето чиј мандат престанува не може да биде повторно избрано.

Мандатот на претседателот и потпретседателот трае 4 години.

Претседателот:

– свикува и претседава на седниците на Собранието и УО:

– ги потпишува актите што ги донесува Собранието и УО;

– се грижи за извршување на одлуките програмите и плановите за

– работа и развој на Федерацијата;

– одговорен е за доследно спроведување на законските и други позитивни прописи;

– одговорен е за навремено свикување и редот на седниците на Собранието и Управниот одбор;

– врши и други работи предвидени со овој Статут и актите на Федерацијата.

член 32-а

Потпретседателот ја координира работата на комисиите на Управниот одбор и заедно со претседателот се грижи за реализација на утврдената програма на Федерацијата.

член 33

Генералниот секретар ја координира работата на комисиите на Управниот одбор и заедно со претседателот се грижи за реализација на утврдената програма на Федерацијата.

Доколку во ППФМ нема именувано генерален секретар, како и во услови на негова спреченост, работите од став 1 на овој член ги врши потпретседателот на ППФМ.

Управниот одбор на ППФМ именува генерален секретар на ППФМ, по претходно објавен јавен оглас.

Јавниот оглас од ставот 1 на овој член се објавува на веб страницата на ППФМ и во најмалку три дневни весници, од кои во еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

За генерален секретар на ППФМ може да биде избрано лице кое покрај општите работни услови поседува лиценца за вршење на работи на управување во областа на спортот и меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 - 4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат.

Лиценцата од ставот 2 на овој член ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

Генералниот секретар не смее да биде во роднинска врска по сите линии до втор степен со претседателот на ППФМ, ниту пак нивните компании да се капитално, или управувачки поврзани.

Генералниот секретар на ППФМ може да биде именуваннајмногу два пати последователно, со мандат од 4 години.

член 34

За целосно и квалитетно реализирање на програмата на Федерацијата Управниот одбор именува постојани и повремени комисии. Постојани комисии на Управниот одбор се:

– Тренерска комисија;

– Натпреварувачка комисија;

– Регистрациона комисија;

– Дисциплинска комисија.

– Комисија за развој.

– Комисија за здравствена заштита и допинг контрола;

– Комисија за маркетинг;

Делокругот на работа на комисиите е утврден во правилниците за работа на комисиите.

член 35

За реализација на воспитно-образовната и стручна работа во Федерацијата , Управниот одбор именува и стручни комисии. Стручни комисии на Извршниот одбор се:

– Тренерската и

– Судиската комисија

член 36

Организацијата и делокругот на активностите на стручните комисии се утврдува со правилниците за нивната работа.

Претседателите и членовите на комисиите ги именува Управниот одбор.

член 37

Реализацијата на административно-техничката и стручната работа на Собранието, Управниот одбор и другите органи и тела на Федерацијата ја врши техничкиотсекретар кој е професионално вработено лице во Федерацијата.

Техничкиот секретар е стручно лице со најмалку 6/1 степен на стручно образование од областа на спортот.

Постапката за засновање на работен однос и негов престанок се утврдува со Закон за работни односи.

член 38

За вршење на одредени работи Федерацијата може да ангажира и други работници /хонорарни и аматерски/. Нивните права, обврски и одговорности се регулираат со посебен акт што го донесува Управниот одбор на Федерацијата.

Н а д з о р е н о д б о р

член 39

За целосно остварување на определбите од Статутот и другите општи акти на Федерацијата, и за остварување на увид во материјално-финансиското работење, Собранието на Пинг-понгарската федерација на Македонија избира Надзорен одбор од 3 члена и со мандат од четири години.

член 40

Надзорниот одбор ја следи работата на Управниот одбор и на неговите органи и тела и може да свика нивни седници доколку врз објективни оценки утврди дека е неопходна ваква форма на работа. Правата и обврските на Надзорниот одбор се утврдени во Деловникот за работа. Надзорниот одбор избира претседател од редот на своите членови.

член 41

Претседателот и членовите на Надзорниот одбор не можат да бидат членови на други органи и работни тела на Федерацијата.

За својата работа претседателот на Надзорниот одбор е одговорен пред Собранието на Федерацијата.

5. МАТЕРИЈАЛНО-ФИНАНСИСКО РАБОТЕЊЕ

член 42

За реализација на програмите на Федерацијата се обезбедуваат средства. Финансирањето на Федерацијата се реализира од:

– сопствени извори

– од Буџетот на Републиката

– од Спортската федерација на Македонија

– од донаторство-спонзорство

– од маркетински активности

– од чланарина

– од приредување на игри на срека

член 43

Материјално-финансиското работење се врши согласно прописите за негово водење, а го реализира Стручната служба на Спортската федерација на Македонија, согласно Правилникот.

Наредбодатели за извршување на финансискиот план и програма се претседателот, потпретседателот и генералниот секретар.

6. НАГРАДИ И ПРИЗНАНИЈА

член 44

За постигнати резултати во развојот и унапредувњето на пинг-понгарскиот спорт во Република Македонија, по повод годишнини и јубилеи, Федерацијата доделува признанија на спортски организации, федерации и поединци.

Признанијата се доделуваат согласно изготвен Правилник.

член 45

На прогласените најдобри пинг-понгари, сениори, младинци, пионери, спортска организација-клуб и тренер, за тековната година, Пинг-понгарската федерација на Македонија им доделува соодветни награди.

Рангирањето на спортистите, клубовите и тренерите се врши врз основа на изготвен Правилник.

7. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 46

Работата на Федерацијата е јавна. Јавноста во работата на Федерацијата се остварува преку:

– навремено доставување на материјали за расправа до претставниците на членките и другите заинтересирани организации и заедници;

– известување на преставниците на средствата за јавно информирање и другите средства, со содржината на прашањата за кои ке се расправа на седници на органите на Федерацијата;

– известување на граганите за работата и функционирањето на Федерација преку јавните гласила;

Заради запознавање на пошироката јавност со одредени значајни прашања, Федерација може да свика конференција за средствата за јавно информирање.

член 47

Федерацијата по потреба може да издава публикации во кои ке ги објавува општите акти на Федерацијата, стручни трудови од областа на пинг-понгот и други значајни стручни и општествени трудови од областа на овој спорт.

8. ПРЕСТАНОК НА РАБОТАТА НА ФЕДЕРАЦИЈАТА

член 48

Федерацијата престанува со работа со Одлука на Собранието на Федерацијата, кога нема законска можност за постоење, односно ако:

– бројот на здружените членови се намали под определениот број;

– се утврди дека Федерацијата престанала со работа;

– се користи за уривање на основите на опстештвеното уредување утврдено со Уставот;

– се загрозува независноста на земјата, се кршат слободите и правата на човекот загарантирани со Уставот;

– се загрозува мирот и равноправната мегународна соработка, или се разгорува националната, расна, верска омраза и нетрпеливост;

– се поттикнува вршењето на кривични дела и навредување на јавниот морал;

Одлуката на Собранието е полноважна ако на седницата присуствува-

ле две третини од цленовите и за неа гласале повеќе од 50% од присутните членови.

член 49

По Одлуката на Собранието за престанок на работата на Федерацијата, имотот на Федерацијата ке припадне на Спортската федерација на Македонија.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

член 50

Измени и дополнувања на овој Статут донесува Собранието на Федерацијата на начин и по постапка која се применува за неговото донесување.

Во случај на измени и дополнувања на Статутот на Федерацијата и други измени предвидени со Закон, Федерацијата во рок од 30 дена од денот на донесувањето на измените и дополнувањата на Статутот на Федерацијата, односно измените предвидени со Закон, да поднесе барање до Централен регистар на РМ за запишување на измените и дополнувањата во регистерот.

член 51

Во рок од 6 месеци Собранието е обврзано да ги донесе сите правилници и други акти неопходни за реализација на одредбите од овој Статут. Толкување на одредбите од овој Статут дава Собранието.

член 52

Здружените спортски здруженија /клубови/ се должни да ги усогласат своите Статути со Статутот на Федерацијата во рок од 3 месеци од денот на стапување во сила на овој Статут.

член 53

Со правосилноста на овој Статут престанува да важи Статутот на Федерацијата донесен на Конференцијата на Пинг-понгарската федерација на Македонија одржана _25.04.2012_ година.

член 54

Овој Статут стапува во сила со денот на неговото донесување.

Претседател

Горан Тиловски

________________________________

ПИНГ-ПОНГАРСКА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

С Т А Т У Т

С к о п ј е _______ 2017 година

———————————————–